ЕКСКЛУЗИВНО СО ХЕЛЕНА БЛАГНЕ: Мојата македонска приказна наликува на бајка!

ЕКСКЛУЗИВНО СО ХЕЛЕНА БЛАГНЕ: Мојата македонска приказна наликува на бајка!

ХЕЛЕНА БЛАГНЕ во Македонската музичка антологија не е само “име и презиме“, туку и вонвременска антологиска музичка хероина. Песната која ја испеа и победи на првиот фестивал „Макфест“, во 1986 година, со наслов „Кога те нема“, е избрана за најголем поп евергрин во последните 50 години, колку што постои македонска поп музика. Лауретка е и на „Макфест“, и на „Охрид фест“ и на „Еврофест“.

Драга Хелена, добре ни дојдовте, во рубриката „Охридфест низ интервјуа“. На почеток, кажете ни како се случи целата таа приказна со „Кога те нема“?

Хелена Благне: Па еве, се почна кога настапував на „Сплитскиот фестивал“ и таму ме забележа тогашниот директор на Телевизија Скопје ,Кире Милев. Ми понуди настап на „Макфест“ и се сеќавам, дека тој ме поврза со авторот Кире Костов. Затоа му сум благодарна до крајот на животот.

Дали се сеќавате шта се случуваше на Макфест 1986? Дали некогаш сте помислиле дека таа песна ќе остнане толку голем евергрин?

Хелена Благне: Се сеќавам на прекрасната македонска публика која веднаш откако се симнав од авион и стапнав на македонско тло, неверојатно љубезно ме прифати. Знаев дека таа песна ќе остане во срцата на луѓето, но искрено, не се надевав дека таа песна ќе остави таков впечаток, уште и после толку години. Неверојатно!

Следеа и други настапи на следните изданија на „Макфест“. Колку македонски песни имате на репертоар? Има ли доволно за едно македонско ЦД?

Хелена Благне: Па ги има околу десет и да, би можела да издадам македонско ЦД. Се надевам еден ден тоа ќе се оствари.

Она што ви недостигаше е  песна од маестро Григор Копров, извонреден автор кој ја исполни македонската антологија со најголемите хитови. Се случи да пеете на фестивалот што го основа и успешно води, „Охрид Фест 2016“, и да освоите Гран При во Интренационалната вечер. Ја очекувавте таа победа?

Хелена Благне: Да, ми недостига песна од Григор Копров, со многу радост би ја прифатила. А што се однесува до победата на „Охрид Фест 2016“, да, длабоково себе се надевав на победа, зошто песната беше супер.

Какви ви се впечатоците за тој фестивал, пеењето, настапот што го остваривте, дружењето со светски познатата група „Бони Ем“?

Хелена Благне: „Охрид фест“ е прекрасен фестивал. Дружење, лето, песна. што човек да посака повеќе? А, и „Бони Ем“ беа прекрасни и како луѓе и како музичари.

Ви сте единствената дама која успеа да ги освои трите најголеми македонски фестивали: „Макфест 1986“, меѓународниот фестивал „Еврофест 1999“ и Интернационалниот и најпренесуван во сите држави наоколу, „Охрид фест 2016“, и да освоите и хит на 50 години македонска поп музика. Засега единствено не го освоивте „Скопскиот фестивал“, можеби во иднина. Наликува ли сево ова помалку на бајка?

Хелена Благне: Да. Неверојатно е како се согласувам со македонската публика. Тоа е публика која знае да слуша и да почувствува емоции. Публика која знае што е квалитет и тоа ми е многу драго!

Може да се констатира дека сте балканската Моника Белучи, од ден во ден се поубава, и дефинитивно една од најсексапилните жени на Балкан. Но сепак не изненадивте на „Охрид фест 2016“, и тоа како пријатно. Вие сега изгледате најдобро. Линијата ве е толку совршена, изгледот свеж, што просто зрачите. Во што е Вашата тајна?

Хелена Благне: Верувајте ми, од таканаречениот младешки изглед ништо не помага на бина, ако уметникот не го развива своето стручно знаење. За почеток можеби помага, но публиката со тек на време останува верна на квалитетна музика, уметнички израз и добра интерпретација. Се другото поминува побрзо и отколку што замислуваме. Инаку, многу се занимавам со спорт и понекогаш живеам аскетски живот. Целата оваа дисциплина е многу битна за долготраен успех.

Кога победивте на Еврофест бевте со синот Кристијан во детска количка, а минатата година на Охрид фест тој веќе преубаво момче. Што се случуваше меѓу тие два периоди? Дали тој тргна по Вашите стапки, што се однесува до музиката?

Хелена Благне: Мојот син Кристијан многу добро свири клавир и многу сака музика, но мислам дека не сака да е во музичките води. Повеќе го привлекува економија и право. Ќе видиме каде ќе се пронајде, верувајте ми само сакам да најде работа што ќе ја работи со цело срце, затоа што тогаш Човек живее задоволно и среќно.

Која е Вашата најголема одлика, на голема ѕвезда? Што посебно почитувате кај себе?

Хелена Благне: Работата! Тоа ми е најважно. И чесноста. Кај нас велиме – „чесниот секогаш мирно спие и е мирен во душата“.

Многу долго, и не случајно, сте на врвот на балканското ѕвездено небо. Сте немале големи падови, а подемот ве следи од самиот почеток. Што на почеток на Вашата кариера сфативте како неизбежно правило кое го прифативте? Впрочем, која е најважната работа што ја следите сите овие 30-тина години?

Хелена Благне: Па, многу брзо сфатив, дека ништо не се постигнува ако навистина не работиш со полн занес, искрено и квалитетно. Дека треба да го школуваш гласот, ако сакаш навистина добро и долго да се одржиш на сцената.и на крај треба да бидеш искрен во својата мисија.

Како ги одбиравте авторите? Имавте менаџерски тим или моравте се сама?

Хелена Благне: Имав среќа на својот пат секогаш да наидувам на вистински луѓе, на вистински автори, кои мене помалку или повеќе ме пронаоѓаа. Навистина, имав голама среќа. Денес имам свој менаџерски тим, секако, верувајте ми дека сама не би постигнала да го работам се ова што оди со шоу бизнисот.

Љубовта, сигурна сум, не ви недостигаше во текот на животот. Дали тоа беше така, или се уште не го најдовте вистинскиот, во чии раце ќе доверите и дадете се што имате?

Хелена Благне: Па не ми недостигаше, признавам, но за жал не најдов сродна душа. Можеби затоа што сум премногу силна личност, независна жена а тоа знаеме машкиот свет по малку го плаши (смеење).

Што умее да Ве повреди? Кој дел од јавната професија?

Хелена Благне: Најмногу може да ме повреди лага, лицемерство, мрзливост, аматерство, манипулации и цинизам. Денес за жал живееме во многу циничен свет кој е полн со завист, лоши мисли и егоизам и во свет, који делува негативно и тоа многу ме разжалостува.

По 30 години, во кои ги фативте најважните моменти од Балканската сцена, планирате ли можеби да објавите книга?

Хелена Благне: Па прилично знам што се случува на вашата сцена. Сите ние, што се однесува до музиката, имаме еден глобален проблем. А тоа е, дека еден голем хаос владее на тоа подрачје, дека нема веќе такви критериуми какви што имаше некогаш и дека има многу таленти кои во таа брза медиумска мелница за жал немаат прилика да искрснат.

Можеме ли ве сметаме за музички амбасадор во Словенија во Македонија, и во Македонија за Словенија?

Хелена Благне: Па тоа би ми било преголема чест. Јас мислам дека можеме (смеење)

Освен Вас и речиси ретко доаѓаат словенечки пејачи во Македонија. Ние не знаеме многу за словенечката сцена. Најпосле, ја чувствувате ли Македонија за своја, разбирате ли македонски?

Хелена Благне: Разбирам речиси се, но зборувам малку.

Имате ли визија кога ќе објавите ЦД со македонски песни, кога ќе имате свој соло концерт во Македонија и кога ќе ни дојдете на следен фестивал?

Хелена Благне: Со задоволство би направила еден прекрасен концерт во Македонија и ќе го направам доколку некој ме покани. Со веселие би ја прифатила поканата.

Конечно, неколку зборови за тоа како изгледаат Вашите денови сега? Што работите?

Хелена Благне: Никако не можам да го замислам Животот без музика, да седам дома и ништо да не создавам. Не дај БОЖЕ, јас мислам дека би свенала. Ќе работам до крај на Животот, само сакам да ја задржам својата публика, својот интегритет и глас. Да, мојот глас. Благодарна сум му на БОГ, што ми го даде.

Валентина Ѓоргиевска Парго

Фото 1: Јака Брзјак

Фото 2: Тибор Голоб

Вашето мислење