ЕЛЕНА ПЕТРЕСКА ТОЛЕВСКА: Три пати ја понесов победничката круна на„Охрид фест“

ЕЛЕНА ПЕТРЕСКА ТОЛЕВСКА: Три пати ја понесов победничката круна на„Охрид фест“

(24.02.2018)

Меѓу најдобрите пејачки кои запеале на „Охрид фест“ дефинитивно е  Елена Петреска. Одамна ли датира Вашата љубов со овој фестивал?
-.Ти благодарам Вале. На „Охрид фест“ прв пат настапив со песната „Не гледај назад“ на Хари Котларовски, во 2000 година. Интересно за оваа песна е тоа што беше одбиена на конкурсот на „Макфест“, за потоа истата да биде прво место на „Охрид фест“, каде што еден член од жири комисијата кој ми додели 12 поени беше и тогашниот директор на „Макфест“, Стојан Троицки. Тоа беше првиот мој настап на „Охрид фест“ и мојата прва победа. Прекрасно искуство и преубави спомени ме врзуваат секогаш за овој фестивал.
Се сеќавате јасно на сите досегашни настапи? Кој од сите тие би го издвоила, според нешто убаво и неповторливо?
-Секако дека се сеќавам, повеќепати сум настапила на таа Охридска сцена и можам да кажам дека речиси сите настапи ми се многу драги. Ако треба да одвојам, тоа би бил настапот со прекрасната композиција „Галебе“, во 2006 година,  со која освоив прво место од жири, прво од публика. Тој настап ми остана во сеќавање заради убавата атмосфера, заради убавото чувство додека ја претставував песната која што ми беше особено драга и заради прекрасната забава која ја организираше господинот Григор Копров, на која сите учесници се дружевме, пеевме и го славевме фестивалот, а и македонската музика која со љубов ја изведувавме.

По „Не гледај назад„ и „Галебе“,  дојдовме до моментот на третата победа. Првото место на „Охрид фест 2015“ со „Милион ноќи“. Верувавте дека таа вечер повторно ќе бидете крунисана со победа?
-Искрено кога почнав да пеам толку наивно и со љубов и пристапуваав на музиката што не очекував никакви награди. Битно ми беше како ќе се претставам и песната да ја донесам во вистинско светло. Затоа бев пресреќна и неизмерно благодарна за наградата, благодарна и на моите танчари со кои имавме одличен настап, и на мојата мајка за безрезервната поддршка.
Интересно е што од моментот кога се појавивте бомбастично со „Симни ми ѕвезди“, постојано сте присутна на фестивалите, високо котирате, а победи имате освоено само на Охрид фест, во 2006 и 2015 година. Како го објаснувате тоа, таму сте ги отпеале своите најубави песни?
-Не знам како да го протолкувам тоа, можеби таму ми се поклопиле коцките. Иако на Макфест ги отпеав според мене најубавите мои песни, „Река“ на Владимир Дојчиновски, „Лажам“ на Весна Малинова, и „Симни ми ѕвезди“ на Хари Котларовски.

Пеењето на матрица, (со вокал во живо) или целосен плејбек, дали е доволен предизвик за една добра вокалистка?
– Пеењето во живо е незаменливо, и многу ќесто звучи подобро од најидеално измиксана снимка. Но тука на нашите фестивали знае да биде и хендикеп заради несоодветно озвучување, така што, не знам која варијанта е подобра за да се постигне добар саунд (звук). Но секако како пејач и професионален музичар секогаш би избрала варијанта каде се изведува во живо.
Го следите ли фестивалот и во годините кога не настапувате, за да слушнете какви песни се изведуваат?
-Да бидам искрена последниве три години не следам ништо конкретно, освен детски цртани и песнички. Повеќето песни ги слушам откако колегите кои настапиле ќе го споделат видеото на фејсбук. Ќе додадам дека од „Охрид фест“ излегоа многу хитови во времето кога македонската естрада функционираше одлично и би сакала повторно да се врати таа енергија и фестивалот да заблеска во полн сјај.

Според кој критериум избирате автори и песна, со оглед на тоа дека бројни автори се застапени на вашиот репертоар?
-Автори со кои почесто сум соработувала се Владимир Дојчиновски, Весна Малинова, Хари Котларовски и Кристијан Габровски. Со Дојчиновски доста време настапувавме заедно па соработката ни беше спонтана, креативна и тој е авторот што го знае мојот сензибилитет, гитарист кој дише со тебе додека пееш и секое снимање со него ми е уживање. Има и други автори со кои сум соработувала. Не секогаш сум правела добар избор зошто се случило да прифатам песна само за да не го одбијам авторот, но тоа се грешки кои си ги препишувам на моето неискуство и неразграничување на професионалноста со пријателството. Секако веќе тоа го надминав и сега не би прифатила да пеам по секоја цена. Битно ми е да бидам присутна во песната, да се дадам максимално и да уживам.
Колку песни, албуми и спотови имате досега?
-Имам еден албум „Одам до крај“ кој го издадов со Габиано продукција. Синглови имам многу, не сум ги изброила сите, но со оглед на тоа колку пати сум настапила на нашите фестивали има доста. Спотови имам околу 7-8, и видеа со настапи од емисијата „Еден Бакнеж“ со моја изведба на македонски евергрини.

Како успевате да одржите чекор со домашните обврски со две мали деца, обврските во МОБ и настапи по кафулиња и фестивали?
-И плус и часови на факултетот за Музичка уметност, на отсекот за џез музика- популарни жанрови. Не знам како успевам, веројатно со добра организација, иако настапите  ги редуцирав затоа што сметам дека ми одземаат многу енергија и напор, а сакам максимално да се посветам на моите деца Михаел и Софија.
Годинава ја почнавте со енергичен настап, громогласно поддржан со овации, на Василичаркиот концерт во МОБ, каде се пее во придружба на оркестар. Накусо, кои се плановите што следуваат?
– Ти благодарам. Да, навистина годинава ми почна фантастично со настапот на Василичарскиот концерт, потоа влегов во потесен избор на конкурсот на Сан Марино, за претставник на Евровизија. Меѓутоа немав доволно гласови за да продолжам понатаму. Сега моментално не работам на нов проект, посветена сум на факултетот и на работата во Македонска опера и балет, каде работам, така ќе биде до крај на мај.

Валентина Ѓоргиевска Парго

Вашето мислење