Катерина Брезева „Соната“: „Охрид фест“ има најубава фестивалска сцена кај нас!

Катерина Брезева „Соната“: „Охрид фест“ има најубава фестивалска сцена кај нас!

 

Велешката група „Соната“ е една од оние кои на фестивалот „Охрид фест“ се закитила со награда. За нивните досегашни спомени, спечалени на оваа сцена, поразговаравме со Катерина Брезева, вокалистка на групата, и моментно една од најдобрите во земјава.

Дали може да ни позборувате за вашиот прв настап, како се случи сето тоа?

Нашиот прв настап на „Охрид фест“ беше во 2013 година. Ја исполнивме песната на авторот Мирче Кикиритков , „Тој нема љубов за мене“, една прекрасна балада која што остави голем впечаток кај публиката. Но морам да кажам дека мојата прва песна беше изведена токму на „Охридски трубадури 1999“, тогаш настапив како соло пејачка, а самата песна беше награда за мене како победничка на фестивал за пејачи аматери , кадешто како награда добив песна и настап на фестивалот. Би сакала да кажам дека песната беше дело на Мате Груевски, автор кој што тој период беше меѓу најдобрите. Понатаму, „Зора е“ следуваше во 2014, „Мераци за душа“ во 2015, „Свеќите на љубовта“ во 2016 наградена со втора награда од публика,  „Во вечна љубов верувам“ во 2017.

Имате неколку настапи на „Охрид фест“. Можеби не треба да се праша која ви е најдрага, туку, нека биде, за која од тие снимивте или сакате да снимите спот?

На еден пејач сите песни кој што ги снима му се драги, некои подраги некои помалку драги но ке бидам искрена и ќе издвојам песна која што мене ми легна на срце уште при првото слушање. Станува збор за песната „Свеќите на љубовта“ и токму за неа би сакала да снимаме видео запис.

 

Импресиите и возбудата се дел од секој фестивал, кога музичарите имаат една посвечена форма на обраќање на својата публика. Како Вие ја доживеавте оваа сцена и сета таа атмосфера која владее наоколу?

Ќе бидам искрена и ќе кажам дека „Охрид фест“ ја има најубавата сцена, која што од година во година е се поубава, а тоа е многу важно за еден пејач, кога ќе излезе на бина да се чуствува исполнето. Атмосферата е секогаш прекрасна, но најубавото за нас е тоа што токму на овој фестивал можеме да останеме неколку дена во прекрасниот Охрид и да се дружиме со нашите колеги.

Што се случува зад сцената? Какви муабетења таму најчесто може да се слушнат, за што си разговараат колегите и колешките?

-Нас како група одсекогаш дружбата со колеги ни била најубавото нешто што се случува на секој фестивал. Навистина ни е жал што повеќе нема ТВ емисии како порано, така многу често се гледавме со колеги сега останаа само фестивалите за дружба, а тема на разговор секогаш е музиката. Во Охрид секогаш по фестивалот има забава во која што сите знаеме да запееме по една песна онака за наша душа.

Ова е единствен фестивал кај нас, кој има и фолк и поп и интернационална програма. Вие сте пееле во фолк делот, но да потсетуиме дека како вокалистка преубаво пеете и забавно. Сте размислувале ли за изненадување од типот- настап со забавна песна?

Јас се надевам дека во иднина ќе изненадиме со настап на поп вечерта затоа што забавната музика е нешто што ми лежи на душа и е многу присутна на нашите живи свирки . Навистина би сакала да исполнам некоја забавна песна во стилот на нашите македонски евергрини.

На кои фестивали досега имате настапувано, каде сте постигнувале најголеми успеси?

-Имаме настапено на сите фолк фестивали токму и заради тоа важиме за фестивалска група. Јас од мала сум растена со фестивалите и навистина многу ги сакам и ценам. Најголем успех за нас беше настапот на „Цветници“, фестивал за кој од мала ми беше најголема желба да настапам бидејќи се е во живо и свирење и пеење. И, токму на тој фестивал во 2015 година зедовме втора награда со песната „Пустина“.

Иако важите за една од најдобрите група се некако во сенка и се држите подалеку од медиумите. На што се должи тоа?

-Сите што не запознале знаат дека важиме за скромна ненаметлива група која што сака да привлекува внимание само со квалитет. Ние секогаш со задоовлство прифакаме покана за во емисија и за интервју.

.Невообичаено е членовите да ги претставуваме при крај, но на почеток во фокус го ставивме „Охрид фест“. Во овој, дел од интервјуто, редно би било да дадеме простор да ни ја претставите групата и членовите.

-Катерина Брезева- вокал, Трајче Бондиќов- клавијатури, Никола Димовски-бас гитара, Раде Митрески- дувачки иструменти, Тони Нанев-тапани.

.Да се осврнеме на фактите- колку песни и колку спотови досега имате реализирано. 

-Досега имаме снимено преку 20 наши авторски песни и 15 преработки на староградски песни. Би ги издвоила „Барај око“, „Во вечна љубов верувам“, „Свеќите на љубовта“, и секако забавните песни што ги снимавме неодамна, „Месечина“ и „Ти ветувам љубов“, песни кои што се почесто ги бараа за прв танц на свадбените прослави.

Според ваша оценка дали песните од „Охрид фест“ доволно ли се емитувани на радио програмите или треба уште повеќе?

-Многу малку се застапени и песните од „Охрид фест“ и воопшто цела македонска музика затоа најчесто луѓето знаат да кажат дека порано имало многу квалитетна музика, а сега нема. Јас тврдам и гарантирам дека и сега се прават многу квалитетни песни, но нема простор каде да се емитуваат истите и штом дојдовме до ситуација да се плаќа учество во емисија и појавување на телевизија, тогаш не можеме да очекуваме и квалитет. Денес секој може да пее и свири. Јас морам да кажам дека прв пат кога влегов во Македонска радио и телевизија бев многу млада, имав само 15 години и бев на аудиција. Кога влегов во студио прво што ми кажаа беше дека тука нема разочарување, тука или микрофонот те сака или не те сака, и затоа порано имало квалитет. Земете ги пример повозрасните пејачи сите квалитетни, но не велам дека и денес нема добри пејачи само мора секој кој сака да пее да оди на аудиција кај некоја комисија која што ќе биде составена од врвни музичари, да има здружение и да не може секој да биде член во истото.

Сосема на крај, што подготвувате за во догледно време? Годинава е јубилеј на „Охрид фест“, размислувате повторно да е најдете на листата на изведувачи?

-Следно што треба да реализираме е снимање на видео записи за две песни од Ѓорги Крстевски, автор кој што направи прекрасни песни за нас, во стилот кој што ние го негуваме. Здравје боже секако дека би настапиле и оваа година и морам да кажам дека уште сега размислуваме со каква песна би настапиле.

Валентина Ѓоргиевска Парго

Вашето мислење