Лени Партикова Ременска: „Охрид фест“ е мојата прва љубов!

Лени Партикова Ременска: „Охрид фест“ е мојата прва љубов!

Ленче Партикова Ременска, попозната само како Лени, е една од најдобрите млади женски пејачки, а повеќе години е дел од фестивалските сцени. Пее и класична, и забавна и народна музика, пее во Хорот на МОБ, но и во дуото „Лени и Владо Фанк оф“ и во фолк групата „Амбасадор бенд“.

Што значи за Вас фестивалот „Охрид фест“, каде досега имате забележано неколку настапи?

-„Охридски трубадури- Охрид фест“ е за мене еден од најреномираните фестивали во Македонија во градот кој е наша гордост Охрид. На тој фестивал јас настапив за првпат на мои 15 години, во 1996 година во фолк делот со песната “Прва љубов прва болка“, за која музиката и аранжманот се на Ѓорги Павлов, а текстот е на Огнен Неделковски. Аплаузот од многубројната публика и самото учество на сцената на „Охрид фест“ со нашите најпознати фолк пејачи, за мене беше многу големо искуство.

Следниот Ваш настап беше во поп програмата?

-Токму така. Во 2004 година ја имав таа чест да настапам прва на „Охрид фест“ во поп вечерта и да го отворам фестивалот со песната “Игра на зборови” на авторот Димитар Димитров, на текст на Анета Качуркова. Со мене на сцената настапуваа две танчерки со кои имавме направено преубава и динамична кореографија, тоа беше едно преубаво искуство додека пеам и да танцувам заедно со нив. Следна беше дуетската изведба “Да бидам со тебе”, со Славиша Киброски, песна во комплетно негово авторство. Со оваа песна влеговме и во финалето во Интернационалната вечер, каде ни беше голема чест што настапувавме со пејачи од многу разни земји. Дружбите со пејачите, целокупната организација на фестивалот „Охрид фест“ секогаш била на највисоко ниво. Јас како изведувач имам само убави спомени од овој фестивал кој се уште опстојува и е еден од најдобрите фестивали на Балканот. Се надевам ќе имам уште многу настапи со нови песни на “Охрид фест’, и ќе може да ме слушаат моите фанови и поддржувачи на музиката што ја пеам.

Планирате ли повторно учество на оваа сцена?

-Со фолк бендот „Амбасадор бенд“, каде членувам, во подготовка се многу нови фолк песни кој ќе бидат промовирани на нашите фестивали, а секако ќе ни биде чест да настапиме и на „Охрид фест“. А за поп песните заедно со мојот колега Владо Георфиески како група „Фанк оф“ имаме испромовирано неколку нови песни на нашите забавни фестивали, за кои комплетен автор е самиот тој и во подготовки се многу нови песни од кои некои сигурно ќе бидат пратени и на конкурсот за „Охрид фест 2018“.

Која песна од „Охрид фест“ досега е Вашиот најомилена?

Дефинитивно минатогодишната победничка песна „Очи зелено сини“, што ја испеа Горан Милошески.

Во 2008 година го објавивте својот албум првенче „Сенки“. Еве сега, по десет години, подготвувате ли нов албум?

-Тој албум содржи прекрасни 12 композиции, во соработка со повеќе автори и многу сум горда на моето првенче. Бидејќи сега сум дел од „ Амбасадор бенд“, кој постои пет години, сега подготвуваме албум. Јас сум вокал, Владо е гитара и вокал, Дејан Митровски хармоника, клавијатури и вокал, Себастијан Хуна кларинет и саксофон, а Златко Павловски тапани. Досега имаме над 20 преработки на стари македонски песни кои под етикетата на „Сенатор мјузик“ од Битола ќе бидат објавени на албум.

Каде имате настапувано со оваа група?

-Имаме настапувано на „Лешок фолк фест 2015“ со песната „Запеј од срце“, песна од Владо. На „Лешок 2016“ ја испеавме “Песно помогни ми“ (Зоран Џорлев, Огнен Неделковски, Владо Ѓоргиевски). На „Канео фест 2016“ настапивме со „Гитаро моја“ (Владо Ѓ.) и зедовме втора награда од стручно жири. На „Црешнобер фест“ во 2015 и 2016 настапивме со македонски препеви, а за народната песна „Низ корија зелена“ имаме и прекрасен видео запис со етно елементи. Настапивме и на „Канео фест 2017“, во фолк делот со фолк песната „Љубовен аманет“ со „Амбасадор бенд“, а во забавниот дел со авторот Владо Ѓоргиевски го освоивме второро место од публика и наградата за сценски настап за „Таму некаде“. Владо Георгиевски ги создава песните, тој е одличен автор. Владо со својот бенд се единствени македонски музичари кои кои настапиле пред Владимир Путин и Дмитриј Медведев, и тоа на голем официјален настан во Русија, во чија посета биле како дел од екипата на Славјанскиот Универзитет од Свети Николе. Станува збор за врвен музичар, се уште во сенка.

Фестивалите се Ваше поле за докажување. Како соло изведувач имате бројни учества и награди.

-Кога се навраќам на почетоците, не смее да го прескокнам првиот фестивал на кој настапив, на мои 13 години, фестивалот за војнички песни „Чекорници 1995“. Потоа, веќе споменав, следуваа „Охридски трубадури 1996“, „Канео фест 2004“, „Канео фест 2005“ и прва награда од стручното жири, На „Канео фест 2007“ ја зедов наградата “„Бисер на Канео фест“, која за прв пат беше доделена. Повторно да кажам дел од „Охрид фест“ бев во 2004 и 2007 година, со мојот колега Славиша Киброски. Тука се и “Поп рок фест Куманово 2005“, “Макфест 2005“, со Владо пеевме и на „Макфест 2017“. Со него на „Еврофест 2016“ освоивме втора награда од стручно жири за прекрасната дуетска песна „Глумиш луд“, а награда зедовме и на „Еврофест 2017“. Предизвик ми е „Скопскиот фестивал“.

Во Вашето портфољо се запишани и настапи на интернационални фестивали надвор од Македонија.

-Имам настапувано на повеќе интернационални фестивали „Еуро поп 2005“- Зеница, а на тој фестивал во 2006 година освоив трета награда од стручно жири. Во 2007 бев гостинка во ревијалната вечер на „Ѕвездите.на Дискавери“ („Откритие“) во Варна, Бугарија, каде ми доделија награда за интерпретација. На „Марко Поло фест 2007“, во Корчула, во Хрватска, освоив трета награда од стручно жири.

Пеете и како хористка во МОБ.

Неколку години сум и дел од хорот на Македонската Опера и Балет. Покрај завршената Музичка Академија во Скопје, имам и магистрирано во Софија, на постдипломски студии, на кои полагав 42 испити. Вработена сум како хорист епизодист, а по моето магистрирање во Софија на НБУ, специјалност оперно пеење,често пеам и солистички епизодни улоги.

Дефинитивно, музиката е целосно Ваша определба.

-Сосема. Мојата ќерка Христина има шест години и е мојот најскапоцен дар од Бога. Таа е мојот свет, а за мојот прекрасен сопруг Ѓоко велам дека е исклучителен, ми дава најголема поддршка во ова што го работам. Ќерка ми веќе ги пее моите песни и се радува на секој мој настап.Со нивната убава позитивна енергија, навистина сум среќна и животот ми е музика и песна.

И, Вашата порака до дебитантите, кои сакаат да стапнат на музичката сцена.

Бидете упорни во тоа што сакате да го работите,правете го тоа со душа и многу љубов, тоа е многу важно. Музиката бара многу емоција и целокупно вложување на самиот себе, но тоа е она што не прави среќни и исполнети.

Валентина Ѓоргиевска Парго

Вашето мислење