МАЈА ПАВЛОВСКА: Бев во победничкиот тим од жири, на „Охридски трубадури 95“!

МАЈА ПАВЛОВСКА: Бев во победничкиот тим од жири, на „Охридски трубадури 95“!

Една од оние текстописци кои со скромен фонд на текстови низ годините била застапена на „Охрид фест“, но сепак со квалитетни песни, и оние кои остануваат како евергрини, е сестраната уметница Маја Павловска.

Кога зборуваме на тема Вашето учество на „Охрид фест“, најпрво да наброиме кои песни ги оставивте на оваа сцена?

Маја: Пред се поздрав до читателите и благодарност до Тебе, Вале, што со самата покана за ова интервју, ме поттикна да ги средам моите песни, барем оние кои се јавно објавени на фестивалот „Охридски трубадури”. Морам да се потрудам да ги архивирам сите мои текстови. Насловите изведени на оваа сцена се: „Дали има пиле шарено“ (33 минута)  во соработка со Димитар Масевски како автор на музиката, а во интерпретација на Горан Кукиќ која освои Прва награда од жири во фолк вечерта на првото издание на фестивалот. Потоа „Од маслина, гранче”, во интерпретација на Кате и „Нели ти реков“, на која се појавувам како автор на музика, на текст на мојот татко, Јован Павловски, песна која постхумно беше изведена во фолк вечерта на „Охридски трубадури 2012“, иако таа песна, како и некои други наши заеднички како авторски тандем, но необјавени, се направени одамна. Истата година, 2012 во поп вечерта, беше изведена песната „Што е среќа“ со Александар Чекреџи како автор на музика, а во интерпретација на Сандро Николовски. Во 2016 повторно мој текст на музика Александар Чекреџи, отпеа Џина Папас Џокси, „Опиј ме“– втора награда од жири во поп вечерта. Со Чекреџи имаме создадено и песна што на оваа сцена ја испеа Александра Котели.

Интересно е што вие сте авторка од самиот почеток на фестивалот и со „Дали има пиле шарено“ сте дел од првонаградениот тим од жири, на второто издание на „Охридски трубадури“. Се сеќавате на тие фестивалски чувства, на таа возбуда?

Маја: Да. Се сеќавам како неодамна да беше, а сепак 1995 година. Тогаш Ленче Дедејска (се уште не беше Кукиќ), со „Течете солзи“ доби прва награда од публика, а Горан Кукиќ прва од жири. Забавата траеше до раните утрински часови. А се сеќавам дека набрзо после тоа, Масе и Јово им го направија првиот дует на Ленче и Горан, „Те сонив ли душо моја“  (Фолк фест „Цветници“), со што беше и официјално крунисана нивната љубов, која трае до ден денес.

Тоа беше и ваша прва соработка со Димитар Масевски, еден од легендарните македонски композитори. На чија идеја се оствари соработката?

Маја: Димитар Масевски, со сопругата Мира, беа чести и сакани посетители во нашиот дом. Знаевме да си направиме прекрасни семејни дружби, а иницијатори беа секогаш Масе и Јово. Масе беше не само музички, туку и виртуоз во кујна. Едвај чекав да дојде следна средба, кога ќе ни направи некој наш, стар, заборавен рецепт. Тоа беше уметност. Тие веќе соработуваа со татко ми на фестивалите. Но, ете за „Дали има пиле шарено“, ми побара текст мене. Веројатно сакаше да ја почувствува разликата во стиловите на пишување меѓу мене и татко ми, а на негова музика. По оваа, наша, заедничка награда, имавме уште неколку успешни соработки…

(Маја со синот Бобан)

Кога се разговара со Вас има многу работи што вреди да се кажат. Музиката е составен дел од Вашето семејство, а една од ретките комбинации е и охридфестовската песна на која Вие ја компониравте музика а Вашиот татко Јован Павловски, текстот. Сигурно оваа песна има поголемо значење за Вас.

Маја: Во моето семејство сите се занимаваат со музика на различен начин. Син ми, Бобан, покрај тоа што е ИТ инженер (во Утрехт, Холандија, каде сега живее и Маја н.з.), заврши и основно музичко 9 години, свири пијано и заврши во за музички продуцент во училиштето „Ентерпрајз“. Мојот брат Зоран свири гитара и беше член на групата „Парамециум“ околу 10 години. Јас и татко ми, текстописци. Песната „Од маслина, гранче“, што ја исполнија Кате и „Нели ти реков“, е само една од некои заеднички соработки со мојот татко, како текстописец, а јас како автор на музика. Сакав да ја исполнам неговата желба, таа песна да ја испее токму Кате, така што две години по неговата смрт, се случи и прв пат да учествувам на фестивал, на ваков начин, со негов текст, постхумно. Од реакциите на публиката, имав чувство дека иако не е присутен, сепак се почувствува неговата енергија преку неговиот текст. Благодарност до директорот Григор Копров, кој ја воведе наградата за најдобар текст на фестивалот, која го носи името на татко ми, Јован Павловски.

(Маја со нејзиниот татко Јован Павловски) 

Господинот Јован како роден Охриѓанец, беше редовен на фестивалот, а неколку пати учествуваше и во организациониот тим. Чинам, беше посебно емотивно врзан за „Охрид фест“.

Маја: Да, тој е роден Охриѓанец и иако од свои 16 години живееше во Скопје, сепак се што беше поврзано со Охрид, го следеше со посебно внимание, љубов и еден чуден, убав сјај во неговите сини очи. Кога патувавме за Охрид, само што ќе ја поминевме Пресека, ќе се насмевнеше од срце и ќе речеше, „Еве ме пак, Ох – риде, мој“. И веднаш почнуваше да зборВИТ по охридски (ха, ха).Таа иста енергија ја забележував и секогаш кога беше ангажиран околу организацијата на фестивалот, расположен што сето тоа се случува токму во неговиот роден град, а и дружбата со колегите автори и интерните шеги, кои меѓусебно ги имаа со Григор Копров, со кој беа школски другари.

Ако Вашиот татко стана најпрепознатлив со стиховите за „Бисер балкански“ и соработката со Гоце Николовски, тогаш неговиот син Сандро Николовски стана препознатлив токму по соработката со Вас и „Охрид фест“. Да ја слушнеме и таа нераскажана или сосема малку раскажана приказна.

Маја: Со Гоце и неговото семејство се дружевме уште пред 1990 година, уште за првиот албум на Гоце, каде што татко ми, во соработка со Копров имаа неколку заеднички песни, дел од нив и фестивалски. Веќе во 1990 се случи „Бисер балкански“ и Гоце заедно со семејството реши да се пресели од Ниш за Скопје. Блиското пријателство меѓу нашите две семејства, а по смртта на нашите татковци, некако природно доведе до соработка меѓу мене и Сандро (синот на Гоце н.з.), токму на „Охридски трубадури 2012“, со песната „Што е среќа“, на музика и аранжман на Александар Чекреџи, исто така мој школски другар од прво одделение, и исто како мене со пола охридска жичка. Со таа песна, Сандро настапи како дебитант и влезе во финале.

Како скопјанка со охридско потекло, која не пропушта да го следи фестивалот, што според вас е најдоброто од него. Сте го следеле ли одблиску, од пред или зад сцена?

Маја: Фестивалот „Охридски трубадури“ има своја, посебна, би рекла шмеќерско- охридска нота со „патина“. Без тоа и не би бил Охридски фестивал. Според мене, единственото соодветно место за да се почувствува вистинската атмосфера на фестивалот е Долни Сарај. Не знам зошто е дислоциран, не би сакала да се мешам во внатрешните одлуки на организаторите, но ова е само мое мислење, од уметничка гледна точка. Но, како и да е, како лице со посебни потреби и корисник на инвалидско помагало, скутмобил, која и да е локација е одлична, доколку им е овозможена соодветна пристапност, за достоинствен влез и излез и за оваа група граѓани.

Годинава е јубилеј. Правите ли песна, за повторно да бидете дел од фестивалскиот репертоар?

Маја: Да, сакам да бидам дел од јубилејното издание, а дали ќе се случи, зависи од тоа дали ќе биде примена песната.

(Маја со Тоше Проески)

Да се осврнеме малку и на другиот дел од Вашата кариера, која добива и интернационален замав. Вие сте текстописец и на некои од најубавите песни за Тоше и најголеми негови хитови, но и за други големи пејачки имиња, авторка на текстови за мјузикл, сликарка, но и самата компонирате. Во неколку реченици она најважното за вас, и што е најново со ваш авторски потпис?

Маја: Со Тоше покрај приватни дружби, имавме и неколку соработки, како текстовите за „Парче од Европа“, „Сон егзотичен“,„Што си отишла“, „Магија“ во дует Тоше и Есма. Како последен поздрав и благодарност, посветена на Тоше, а испејана од Лидија Кочовска е мојот текст за „Златен клуч“, на музика на мојот брат Зоран Павловски – Зозо и аранжман на Дамир Имери. Исто така имам и неколку други соработки со Лидија Кочовска – „Божји патеки“, „Љубов недозволена“, „Сонце низ облаци“ Лидија во дует со Маријан Стојановски, соработка со Дуле и Коки, „Јас и ти“, „Крај ќе потпишам“, „Девла, девла“, со Јоце Панов „Лажу те“, со Пеце Огненов „Од небо дар“, а со со Ана Костовска „Сега се, друго е“, и многу други, на кои ќе им се извинам, бидејќи немам доволно простор да ги спомнам сите, но од срце ги поздравувам. Покрај како автор на текстови, а по некогаш и автор на музика, бев и автор на 17. препеви на мјузиклот „Чикаго“, кој беше изведен премиерно во Скопје во МНТ и до ден денес го задржа интересот на публиката. А, за успехот, само публиката е таа според која знаеш дека едно дело си успејал да го искреираш по нејзин кеиф. Во последниот период се занимавам со една нова песна, со која сакаме заедно со Александар Чекреџи, како автор на музика и аранжман, а во изведба на Ана Костовска, да учествуваме на конкурсот за Евровизија 2018. Во исто време се спремам и за една голема изложба овде во Холандија насловена како “Nacionale kunstdagen” или преведено би било „Национални денови на уметноста“ но за новите проекти во некоја друга прилика, откако ќе има резултати, се надевам, позитивни.

Валентина Ѓоргиевска Парго

Вашето мислење