Моника Митреска, извршен продуцент на „Охрид- фест“: Распишан е конкурсот, подготвивме многу изненадувања

Моника Митреска, извршен продуцент на „Охрид- фест“: Распишан е конкурсот, подготвивме многу изненадувања

„Охрид- фест“ распишува конкурс за новото, 26-то музичко издание. Што интересно ќе се случува овој септември, на фестивалот кој моќно си ја пишува својата биографија?
– Да, Охридскиот фестивал го распиша конкурсот и истиот е отворен до 1. мај. Фестивалот ќе се одржи од 5 – 7 септември, со фолк, поп и последната, интернационалната вечер. Новитет е тоа што оваа година стручниот тим на Охридски трубадури ќе им даде можност на двајца дебитанти, кои немаат авторска песна, истата да ја добијат. Единствениот услов за учество е да имаат аудио снимка на песна, пратена со музички инструмент и истата да ја испратат до фестивалот. Стручното жири на фестивалот ќе одлучува кои двајца ќе бидат најсреќни а читателите можат повеќе да се информираат на веб-сајтот на фестивалот, како и на социјалните мрежи.

Со години „Охрид-фест“ си останува доследен на традицијата, добриот фолк и поп и атрактивна интернационална вечер. Планирате ли изненадувања и овој пат?
– Како што рековте, фестивалот ќе си остане доследен на традицијата, бидејќи во таков формат претставува најафирмативна манифестација за Македонија и Охрид. Интересот, за како што милуваат да го наречат фестивалот нашите соработници од сосеството, ,, Балкановизија“ од година во година е се поголем, па така и годинава интернационалната вечер ќе претставува мелем за ушите и очите на сите генерации. Конкурсот е отворен, очекуваме на истиот да се јават голем број на изведувачи и да се одбере она што е најдобро, спрема критериумите на стручното жири. Во преговори сме и со специјалните гости на фестивалските вечери, сигурна сум дека на големо задоволство на слушателите на добрата музика повторно ќе успееме да ги изненадиме и задоволиме сите од 7 до 77 години, но штом ги имаме првите потврди, веднаш ќе ги известиме сите читатели.

Што е твојата обврска како извршен продуцент ? Со оглед на твојата возраст, веројатно ќе има тенденција за подмладување на фестивалот?
– Обврските на извршниот продуцент во производството на уметничкиот производ е надгледување и ангажирање на целиот тим, кој што учествува во организацијата. За да бидам појасна, целиот товар за организацијата, покрај уметничките директори, паѓа на извршниот продуцент, од пречекување до испраќање на учесниците на фестивалот, појавување на изведувачите, обезбедување интервјуа и лифтување на информации до новинарите, целосната организација за сигурна реализација на настанот, секако со помош на ангажирани лица, стручни во својата област. Како што веќе напоменав, за реализација секоја фестивалска вечер си има уметнички директор кој е задолжен за изборот на композициите и изведувачите, во договор со стручното жири на фестивалот, така што мојот глас е само еден од многуте, како дел од тимот на фестивалот во изборот на песни и секако не е одлучувачки.

Дали останувате на истата локација, на платото кај атрактивниот хотел „Нова Ривиера“?
– Секако, фестивалот останува на градското шеталиште во Охрид пред платото на хотел „Нова Ривиера“. Локацијата е неспоредливо поатрактивна како за самиот фестивал така и за продолжување на туристичката сезона на градот Охрид. 


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *