ПЕПА ДИМИТРОВА: Јас сум „гром“ на сцената, не само „гром од ведро небо“!

ПЕПА ДИМИТРОВА: Јас сум „гром“ на сцената, не само „гром од ведро небо“!

Пепа Димитрова е една од пејачките кои успешно се појавиле и пробиле на „Охрид фест“, во 2014 година со свое шоу, потоа и како редовна учесничка, за да во своето конто впише и Победа на поп вечерта.

На сцената на „Охрид фест 2014 “ се појавивте како „гром од ведро небо“. За македонската публика се уште е извесна тајна и загонетно која е всушност Пепа Димитрова? Кажете ни за Вас!

-За прв пат се појавив на ревијалниот дел од „Охрид фест“, и воопшто и пред македонската јавност, кога изведов неколку песни. Едноставно од тој момент натаму знаев дека сум родена за сцена и таму се чувствувам најубаво. Потоа се влучив и во натпреварувачкиот дел и освоив неколку награди меѓу кои и најдрагата за мене награда од публиката. На муабетот дека сум се појавила ко „гром од ведро небо“ ќе кажам само дека навистина на сцената се чувствувам како гром (насмевка). Едноставно таа енергија која ја чувствувам и споделувам додека пеам е најсилниот момент на инспирција и мотивација да продолжам да се занимавамсо музика. Инаку Пепа е пред се човек, жена, мајка која води нормален живот како и сите. За приватноста не сакам да зборувам бидејќи тоа не е важно, повеќе сакам да зборувам за мојата кариера, песни и планови. Од секогаш музиката била дел од мојот живот, сакам да пејам, имам глас кој може да растреперува срца, правам музика за душа и се надевам дека слушателите го чувствуваат тоа.

Изненадување беше кога дебитантка настапи со неколку свои песни: Кога ги снимивте, со кои автори?

-Пеев на една приватна послава во ресторан каде по некоја случајност беше и господинот Григор Копров (автор и основач на „Охрид фест“.н.з.), ме слушнал како пеам и веднаш истата вечер ми пристапи и ме праша дали некогаш сум помислила да започнам со професионално делување, снимање песни,настапи на фестивали кое го примив со резерва. Но, сепак се одлучив за тој чекор и еве по четири години имам повеќе од 15 песни неколку видео записи и оваа година се надевам на мојот прв албум. Песните ги снимам со голем ќеф и уживање, а богами по средбите со неколку професионалци и мошне брзо и лесно. Затоа и првата година во ревијалниот дел на „Охрид фест“ веќе имав снимено пет песни, кои за жал морав да ги исполнам на плејбек, инаку обожавам пеење во живо. Впрочем и Копров ме слушна како пеам во живо.

Барем јави се“ е песна која ја однесе победата на „Охрид фест 2016“, со три наградди. Хронолошки, може да се потсетите и да ни кажете кои беа вашите најубави впечатоци од овој фестивал низ годините? Победата или имаше и други моменти?

-Да “Барем јави се “ е песната која таа година е прогласена за најдобра, добив награди за сценски настап, за интерпретација и прво место од публика,. Но тоа не ми е најважно поважно е моите песни да останат да се слушаат и да шират позитвина енергија и радост: Еве минатата година имав настапи на „Охрид фест“ и „Макфест“ без некои позначајни награди но најголема награда ми е аплаузот по звршување на настапот и кога моите најблиски ќе ми кажат – БРАВО! Инаку јас не сум од оние личности кои се задоволуваат со минимум па затоа и покрај атрибутите кои ги поседувам, вложувам во себе и својата надградба како пејач, одам на часови по пеење кај најголемата македонска певица Г-ѓа Милка Ефтимова, снимам песни и спотови и се подготвувам за круната, односно мојот деби албум кои ќе ги сорджи песните кои изминатиот период ги имам снимено, а и некои кои се уште не го имаат видено светлото на денот.

Би забележале, почнувате со пеење на сцена во некои свои, години но можеби да сте почнеле многу порано, ќе имавте далеку поголема музичка кариера.Како дојдовте на идеја дека „сега е време за музика“?

-Ако започнев помлада сега сигурно ќе бев многу по истакната и ќе имав неколку албуми, ќе ги засенев многу од пејачите на македонската естрада – хе хе хе . Шега на страна, за овие неколку години снимив повеќе песни од многу попопуларни пејачи и пејачки, работам константно и без пауза. Животот ме однесе на друга страна и не ми е жал за ништо едноставно сега ми дојде времето за уживање во музиката. Да, поразлично е, мора да внимавам каде се појавувам и со какви песни , како се облекувам и нема можност за лудости кои помладите ги прават без многу да размислат, пример жешка фото сесија која ќе ти го наполни концертот -хе хе хе. А за тоа како дојде моментот , веќе споменав, благодарение на Г-дин Копров кој ме пронајде и ми даде шанса да снимам песни и да се појавам на „Охрид фест“.

Вашите настапи се проследени и со дополнителна кореографија и танчарки. Тоа е вашиот сценски стил и за во иднина?

-Секако доколку постои можност и самата сцена доколку го дозволува тоа, добро е да не си сам на сцена и да има движење и танц. На неколку настапи веќе сум придружувана од танчери и секако дека би продолжила со такви настапи но се разбира доколку има простор за тоа. Некој пат зависи и од самата песна доволно е некогаш и да си сам на сцена доколку тоа го бара песната, а друг пат е пропуст да си сам а има простор за сценски настап.

Со есвој пристап направивте преработка на песната „Велигден“ од Џокси. Повторно би се запрашале, како потекна идејата?

– На „Велигден“ е македонски евергрин и јас многу ја сакам таа песна. На „Охрид фест 2016“ се запознав со Џокси и во опуштен муабет ми кажа дека му се допаѓа мојот вокал и дека би била совршена да направам преработка на песната во женска варијанта. Не го сфатив толку сериозно и ме изненади кога на почетокот на 2017 ми се јави Џокси и ми ја повтори идејата, по што се создаде тимот кои ја реализираше оваа песна , пред се Г-дин Дамир Имери кој го направи аранжманот и Валентино Скендеровски кој ја испродуцира песната. Јас и Џокси сме презадоволни од конечниот продукт, ја освеживме во етно џез стил и го продолживме векот на самата песна, а пристигнуваа само позитивни коментари и таму на таа песна многу луѓе за прв пат слушнаа за каков глас се работи. Мислам дека добив многу со преработката.

Кој е вашиот круг на автори на песни и спотови?

-Досега имам соработувано со неколку автори, не се ограничувам за соработка со никого. Доколку има добра песна која ми лежи и ме исполнува секако дека прифаќам соработка, без разлика дали е авторот млад или некој веќе докажан. Секоја песна која ми била понудена и ги задоволувала моите критериуми и естетика ја прифаќам и ја исполнувам. Досега сум соаботувала со Григор Копров, Владимир Дојчиновски, Роберт Билбилов, Марин, Дамир Имери, а еве ќе ви откријам и дека имам желба една песна да направам со Игор Џамбазов но за тоа во друга прилика.

Кој е вашиот став за реалните шоуа на кои се пријавуваат пејачи кои сакаат да постигнат брза слава?

-Никогаш незнаеш каде ти е “среќата” па затоа и ги поддржувам младите пејачи кои се приклучуваат на вакви шоу програми. Но проблемот не во славата која ја добиваат по завршување како победник или во финале, потоа треба да работат да снимаат песни и вадат албуми. Многу од тие инстант ѕвезди кои брзо дошле до слава брзо потоа ги снемува само заради тоа што не продолжуваат да работат на себе и својата кариера, а догодина има нова сезона и ново милениче. Само со работа и посветеност може да се успее. Јас знам дека се уште сум на почеток и на секоја нова песна и се радувам како на првата. Се надевам по неколку години да имам барем два албуми, зошто на крајот остануваат само песните. Славата е минлива и секој треба своите 5 минути да ги искористи за да бидат 5 години 50 години или безвременски, поинаку нема смисла и рокот на траење е краток.

Освен за музика, да позборуваме и приватен и професионален план, со што се занимавате?

-За приватноста не сакам да зборувам ништо повеќе од тоа дека сум мајка, сопруга, професионално се занимавам со свој бизнис во сметководствени и финасиски услуги и консалтинг. Моите блиски и пријатели знаат дека не сум „гром од ведро небо“ затоа што секоја прилика на седенка или во ресторан сум се фаќала на микрофон и за душа сум пеела од секогаш. Еве ќе ви откријам дека мојот брат уште во 90-тите беше дел од Гаро и „Парамециум“, а јас уште од тогаш имав желба да сум дел од музиката, сега конечно се е на свое место.

Сте настапиле на „Макфест“ во родниот Штип. Колку се исти, и(или) различни „Охрид фест“ и „Макфест“?

И двата фестивала се македонски брендови и во моментов единствени за македонска поп музика. „Охрид Фест“ го сакам бидејќи таму започна мојата кариера и еве некако сум врзана за него, „Макфест“ пак го сакам бидејќи се одржува во мојот роден град Штип и од малечка сум сонувала дека ќе настапам на него. Сонот ми се исполни и се надевам на уште многу настапи на двата фестивала. Разликата на фестивалите е само во термините на случување и оддржување, јас убаво си поминувам и на двата фестивала, тоа е можност на секој пејач да биде виден , чуен и вреднуван, да се испромовира песната и да заживее по фестивалот.

Годинава е јубилеј, 25 години „Охридски трубадури- Охрид фест“. Верувам одамна го следевте фестивалот преку телевизиските преноси. Ќе настапите годинава?

25 години е бројка за восхит и почит, драго ми е што сум била дел од „Охрид фест“ изминатите години. Се надевам дека ќе имам шанса повторно да бидам дел од него, секако доколку ми биде понудена добра песна. Јас никогаш не избегнувам добри нешта и секогаш се движам со паролата “кој пее зло не мисли”, добра поговорка и вистинита.

Валентина Ѓоргиевска Парго

Вашето мислење