Промоција на нов албум на „Морал“ со пејачот Влатко

Промоција на нов албум на „Морал“ со пејачот Влатко

Промоција и концерт на „Морал“ ќе се одржи на 28 јануари 2018 (недела), во ноќниот клуб „Станица 26“, со почеток во 21 часот. Концертната свирка насловена како „Морал со пријателите“ е во организација на „3Гонга“. По подолго време „Морал“, со пејачот Влатко Илиевски, повторно настапуваат пред скопската публика.

На концертот ќе бидат отсвирени песните од нивниот последен албум „Coffeine Blues“, но и сите нивни досегашни хитови од првите два албуми. На нивниот последен албум се појавуваат повеќе значајни музички имиња – гости, како Слаткар, Тамара, Игор Џамбазов, Венко Серафимов, Димитар Божиков, а на концертот покрај најавената Тамара со „Морал“ ќе настапат и уште неколку препознатливи музички имиња, како пријатно изненадување за публиката.

Концертот ќе биде пред се промоција на новиот албум. А за вистинските поклоници ќе бидат отсвирени и песни од изминатите 35 години од самите почетоци на „Морал“. Како што најавува и самиот бенд ова ќе биде празник за сите сетила.

Влатко Илиевски е редовен учесник на “Охридски трудадури- Охрид фест“, каде освојувал победи и награди. Има настапувано соло со песните „Мојата самовила“, „Моја стара навика“, „Дајте му ја“ и во дуети со Ристо Самарџиев „За Љубов се пее до крај“, и со Јелена Џуриќ „Без тебе не знам јас“. Македонија ја претставуваше на “Евровизија 2011“ со песната „Русинка“.

Валентина Ѓоргиевска Парго

Вашето мислење