Јуле Маротова: Ми значат комплиментите од Шеила од „Бони Ем“!

Јуле Маротова: Ми значат комплиментите од Шеила од „Бони Ем“!

Посреќни од вчера“, „Слатка казна“, се дел од песните кои Маротови ги има испеано на „Охридски трубадури- Охрид фест“. Она што е интересно како биографски факт на ова музичко семејството, во 2015 година на оваа сцена сите заедно ја имаат својата семејна песна „Посреќни од вчера“, Благој, Јуле и синовите Бојан и Гоце.

Како почна вашата соработка со овој фестивал?

-Идејата за настап на „Охрид фест“ се случи на една средба со господинот Григор Копров, основач на фестивалот, кој секогаш е расположен за професионална соработка. Тој ни предложи, ние со задоволство прифативме, и веќе сме меѓу редовните учесници.

Авторот Благој Маротов, Вашиот сопруг, за „Посреќни од вечера“, ни објасна дека тоа е семејна биографска песна, која треба да ја пренесе пораката за семејна среќа. Како е создадена песната?

-Токму така. Специјално за фестивалот Баже ги направи двете композиции „Посреќни од вчера“ во 2015, и „Слатка казна“ во 2016 година, кои навистинаа имаат автобиографска содржина. Впрочем, и самите наслови доволно откриваат која е пораката, за среќа во семејството, која секој следен ден, секогаш, треба да биде се поголема и поголема.

 

Што ви носат настапите на „Охрид фест“, покрај професионално задоволство и дружба со колеги. Можеби и почеток на нови соработки, нови моменти, нова крајезерска инспирација,а и веќе е познато, на оваа сцена ја запознавте вашата снаа Лена Заткоска

-„Охрид фест“ важи за една голема музичка манифестација која ја негува фолклорната и поп музика како и интернационалното музичко творештво, остварувајќи и гостувања на многу светски и балкански ѕвезди. Досега имаме одлична соработка со овој фестивал и одличен прием на публиката, се здобивме со неколку награди како награда за текст за аранжман а на последниот настап во 2017, ја освоивме втората награда од публика. Вистинско уживање за нас беше дружењето со останатите колеги, како и идеите за многу нови проекти и соработки.

Никогаш не е доцна“ е српско тв шоу , популарно во регионов, на кое зедовте учество и настапивте беспрекорно. Но, никогаш не е доцна ни да се победи на фестивал. Би ви значела ли победа на „Охрид фест“, на некое од следните изданија, и покрај наградите кои ги имате освојувано?

-Некаде во ноември 2015 добивме покана од шоуто „Никогаш не е доцна“, кое беше на самиот негов почеток. Првата информација од Гранд продукција беше дека за прв пат имаат намера да отворат отсек за поп музика и требаше да помогнеме со презентација на светски хитови и поп музика од бившите ју простори. Одлично поминавме и стекнавме многу пријатели од балканските простори, не слушнаа и видоа огромна бројка на публика а на јутјуб добивме и одлични коментари.

Јуле, вие како жена го имате доживеано можеби најубавиот комплимент зад сцената на „Охрид фест 2015“, кога, поминувајќи покрај вас Шеила Боник од „Бони Ем“, застана ве загледа и Ви рече „О, Боже, каква убава жена“, и тоа во моменти кога ние двете и Баже, муабетевме. Ајде поточно кажете и на публиката, она што јас го слушнав и видов, кои беа нејзините зборови, упатени кон Вас?

-Почитувана Вале, Вие ме потсетивте на одличниот настап на „Бони Ем“, во рамките на „Охрид фест“. Вистина е дека Шеила ги искажа своите импресии за мојот стајлинг. Но и сама знаете дека секоја жена кога ќе се дотера посебно за излез на сцена мора да изгледа привлечно.Сепак јас сум од оние жени што многу повеќе се радува на внатрешната духовна убавина и вистински тоа ме усреќува. А комплименти секогаш значат, особено од жена за жена.

Забележувам дека од скромност заобиколувате да кажете дека Шеила се произнесе за убавината што ја носите, а која е голема. Но, кога сме кај комплиментите, се прераскажува како „своевидна анегдота“ Вашата изјава „сите жени од Балканот го обожаваат Здравко Чолиќ, тој убав сараевски мангуп, но јас го имам Баже и мојот Баже за мене е подобар од Чолиќ“.

-Ха, кога сме кај комплиментите, да, точно е дека одамна изјавив „Мојот Баже е подобар од Здравко Чолиќ“. Секоја чест на најголемата балканска ѕвезда ама јас Баже го признавам како пејач и истовремено музичар кој ги владее сите музички жанрови како класиката , џезот, фолк, поп и рок музиката…

Да се вратиме на музиката- до каде сте со албум, ќе има некое ново издание потпишано од Маротов?

-Што се однесува за било какво наше ново издание нов проект или пилот композиција за оваа година мислам дека нема да имаме време, бидејќи сме повеќе ангажирани кон живите настапи со бендот. Токму деновиве имавме понуда за настап на фестивал во Бургас што за жал ја откажавме.

Инаку, летниот период за вас значи низа настапи по хрватскиот брег, а и пошироко, а вие посебно ја обожавате хрватската музика. Ако веќе е неизвесно дали ќе имате време за „Охрид фест 2018“, може ли барем да очекуваме и некоја соработка со хрватски автори или изведувачи?

-Еве, за крај, го спомнуваме и гостувањата на хрватското крајбрежје и словенско приморје. Тука се живите свирки во Цавтат, Сребрено, Порторож на Истра и така натаму, сме имале незаборавни доживувања и свирки, од последната е забавата со Оливер Драгојевиќ и Петар Грашо, така што не е исклучена можноста за соработка со некои хрватски автори и изведувачи, некој интересен хрватско- македонски спој.

Валентина Ѓоргиевска Парго

Вашето мислење