За 26. издание на „Охрид Фест – Охридски трубадури“, што ќе се одржува од 5 до 7 септември годинава, доставени се рекорден број нови песни. На конкурсот, распишан за нови композиции, доставени се безмалу две стотини демо снимки.

Според зборовите на Григор Копров, уметничкиот  директор на Фестивалот, импресивната бројка на пристигнати демо снимки го потврдува значењето и интересот за Фестивалот, создавајќи простор за исчекор кон квалитетот, како на песните, така и на Фестивалот. Квалитетот ќе биде наша определба за годинешното издание на „Охрид Фест – Охридски трубадури“, истакнува Копров.  

Согласно условите за учество, до организаторите требаше да се испратат демо снимки и текст на македонски јазик, со име на композицијата, податоци за авторите и со назнака за која фестивалска вечер е наменета песната  – Поп, Фолк или Интернационална.

Годинава, согласно конкурсот, е овозможен и настап на двајца дебитанти. Имено,фестивалот  „Охрид Фест – Охридски трубадури“ ќе одбере и двајца дебитанти, кои ќе добијат можност за прв настап на фестивалската сцена.